„Соколи“ бркаат историски хет-трик, по АБА и Купот на ред е и џекпотот – шампионскиот трофеј!

Кошаркарите на Карпош Соколи зад себе веќе имаат фантастична сезона со одличен дебитантски настап во АБА-лигата и освоен пехар во Купот на Македонија, а вечерва ја почнуваат финалната плејоф-серија со МЗТ Скопје (18 часот) која може да им го донесе и џекпотот – првиот шампионски трофеј во клупската историја.

Сите во таборот на „соколите“ се свесни дека ова се исклучително важни моменти за нив и за екипата и дека со три одлично одиграни натпревари ќе влезат не само во клупската туку и македонската кошаркарска историја како први кои ја прекинале петгодишната доминација на противникот од Аеродром. Сите играчи се подготвени да го остават срцето на теренот и најавуваат голема борба уште на вечерашниот прв дуел на теренот на противникот во салата „Јане Сандански“.

Првиот натпревар од секоја серија е важен, но не и пресуден па така ќе биде и овој пат. Сигурен сум дека јавноста ќе проследи исклучително квалитетен натпревар на екипите кои ги испишуваат новите страници од македонската кошаркарска историја со оглед што првпат се игра АБА-лигашко финале. Карпош Соколи веќе оствари голем дел од својот сон и зад нас е повеќе успешна сезона, која само може да биде подобра, но никако не може да биде расипана. Финалето на плејофот е само шлаг на тортата на сѐ што досега направивме. Сигурно е дека нема да се предадеме, ниту ние ниту нашиот противник.

Повеќе пати досега нагласував дека играчите се дефинитивно најзаслужни за сѐ добро што ни се случи сезонава, но овој пат би сакал да го потенцирам значењето и на мојот помошник и вистинска десна рака, Борче Даскаловски, лекарскиот тим во кој се доктор Горан и Пеце како и на спортскиот директор Ангел Тасевски. Нормално, сето ова немаше да биде можно ако луѓето од општината Карпош не ја препознаа нашата посветеност кон работата и решителност за остварување историски резултати, на искрено им се заблагодарувам.

Во финалната серија влегуваме максимално растоварени и без притисок, свесни за големото значење на успехот кој евентуално би го оствариле. Добро се познаваме со МЗТ Скопје и не очекувам тактички изненадувања, а според мене ќе реши моменталната психофизичка подготвеност на двете екипи. До победата ќе дојде тимот кој повеќе ќе биде сконцентриран на случувањата на теренот, а помалку на дискусиите со судиите. Ќе реши таканаречениот икс-фактор, а очекувам да се појави некој јунак во нашиот тим, кој токму вечерва ќе го одигра мечот на својата досегашна кариера. Тоа е вистинскиот пат до успехот, а дали ние ќе го следиме, ќе видиме подоцна“, вели тренерот Драган Николиќ.

Серијата се игра до три победи, втората средба од серијата ќе се одигра во вторник во салата „Борис Трајковски“, а третиот дуел е закажан за в петок повторно во спортскиот центар во скопската населба Аеродром.

Сениори 2012/2013

  • Дарко Соколов
  • Горан Врбанц
  • Драган Лабовиќ
  • Драган Зековиќ
  • Зоран Вркиќ
  • Доминик Мавра
  • Иван Сапунџиев
  • Душан Кнежевиќ
  • Кендрик Пери
  • Игор Пенов
  • Дамјан Јакимовски
  • Филип Бакоч

Галерија